Почнаа квалификациите за СП 2023, Турција и Грција со први победи

Со натпреварите Турција-Косово и Белгија-Грција почнаа квалификациите за Светското првенство во 2023 година кое ќе се игра во Полска и Шведска од 11 до 29 јануари.

Турција беше поуспешна од репрезентацијата на Косово со 25:23 во првиот натпревар во Групата 1. Косово даде силен отпор, но немаше сили за изненадување. На полувреме Турција имаше мининални 15:14 и до крај на мечот ја потврдија победата. Горкем Бицер со седум гола ја водеше својата репрезентација до победата, во тимот на Косово, Егзон Ѓука беше најефикасен со шест гола.

Белгија и Грција одиграа интересен натпревар со многу пресврти на резултатот кој на крај го доби гостинската екипа. Грците триумфираа 29:27, а истата предност од два гола ја имаа и на полувреме кога беше 14:12. Јаник Глорио беше прв стрелец во селекцијата на Белгија со седум гола, додека за победата на Грција најзаслужен беше Димитриос Цирас со девет гола.

Освен квалификациските дуели се одигра и еден пријателски натпревар помеѓу Луксембург и Португалија. Португалците немаа проблеми на гостувањето и славеа лесна и убедлива победа 39:31. Уште по првото полувреме Португалците ја обезбедија победата кога водеа 19:10, а во продолжението само ја потврдија доминацијата. Ова им беше воедно и загревање пред двата дуели против Германија в петок и в недела.