Денеска во Скопје, во 81. година од животот, почина еден од основоположниците на модерниот македонски ракомет Лефтер Бошковски. Истакнат спортски работник, професор, тренер, селектор на македонската репрезентација.
Ракометните чекори и образованието го стекна во Романија, каде и ден денеска е неизмерно почитуван, за потоа своето знаење да го пренесе во Македонија каде беше селектор на женскиот сениорски национален тим, тренер на РК Вардар, Работнички, Кометал Ѓ.П.
Потоа го основаше женскиот ракометен клуб Олимпик, каде приоритет му е развојот на млади ракометари. Сите го препознаваат како тренер кој знае да препознае талент, знае да пренесе знаење, има трпение и пред се голема љубов кон ракометот и пренесување на неговите тајни.
Неговото бесценето искуство и знаење продолжи да го споделува и во пензионерските денови, работеше во младинските школи на Академија Алушовски, КЛ7, Голден Арт… Полн со елан и со неизмерно трпение ги насочуваше неговите „тутурутки“ по вистинскиот ракометен пат.
Во својата богата тренерска кариера ќе остане запишан првиот трофеј на премиерното издание на струшкиот турнир, како тренер на Вардар. Ракометниот турнир во Струга оваа година одбележува 50 години од постоењето на турнирот.