ПОТВРДЕНО: Шишкарев две години во Веспрем, промоцијата по Европското првенство!

Како што пред неколку дена ексклузивно најави 24РАКОМЕТ, а сега можеме и официјално да потврдиме дека десното крило на Вардар, Данил Шишкарев, по пет години си заминува од Скопје и во иднина ќе го носи дресот на унгарскиот гигант Веспрем.

Рускиот репрезентативец потпиша договор на две сезони со Веспрем, во кој во минатите сезони се преселија многу поранешни играчи на Вардар – Арпад Штербик, Дејан Манасков, Рожерио Мораес, Вуко Борозан, како и тренерот Давид Дејвис и кондицискиот тренер Марија Лојанија. Шишкарев само ја продолжи низата.

Шишкарев во Веспрем ќе го менува словенечкиот интернационалец Драган Гајиќ, кој по четири сезони си заминува од унгарскиот првак, а Русинот ќе формира дуо со уште еден Словенец – Гашпер Маргуч, кој го продолжи договорот пред десетина дена.

Руското десно крило дојде во Вардар во 2014 година и ја игра шестата сезона во европскиот првак, со кој освои две титули во Лигата на шампионите. Потекнува од школата на Астрахан, а четири сезони играше и во рускиот Чеховски Медведи.