После десет години во сино-жолтиот дрес Грас Заади го напушта Мец и продолжува кон нови предизвици во кариерата. На специјална прес конференција Заади го најави своето заминување.
Французинката од наредната сезона ќе настапува во клубот од Русија, Ростов Дон. Заади во Мец пристигна во 2010 година, а веќе следната беше шампион на Франција. Во 2012 година беше светска вице-шампионка со репрезентациајта на Франција.
„Одлучив да се приклучам на екипата на Ростов од следната сезона. Како што поминуваа годините се повеќе сакав да пробам едно искуство во странство, но не сакав да одам било каде. Кога ми се пружи шансата за Ростов долго размислував и мислам дека ова е вистинскиот момент во мојата кариера и во животот како жена“, изјави Заади.
Французинката во кариерата има остварено многу успеси. Заади има освоено седум шампионати на Франција и четири купа со Мец, а со репрезентацијата има сребрен олимписки медал и злато на едно Европско и едно Светско првенство.