Денеска е клучниот ден во Групата Б од Супер машката лига во кој ќе падне одлуката за тимот што напролет ќе игра во плеј-офот и ќе им се приклучи на тимовите на Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид, Пролет 62, Струга, Металург и Бутел Сопје.
Остана едно место и три желби, а математиките се веќе јасни. Има неколку комбинации во кои ќе се бара добитната, а секој од трите клуба може да си најде место во главната група.
Веќе неколку дена тимовите на Еурофарм Пелистер 2, ГРК Тиквеш и Прилеп се главна тема, а сите обезбедија можност до последен момент да бидат во трка и да остане неизвесноста така што денеска од 17 часот почнува главната битка.
Ситуацијата е таква што секој клуб има своја математика и шанса за да се дојде до место во плеј-офот. Битолчани се во пол-позиција, но ќе мора самите да го искористат ова и да ја задржат таа позиција доколку сакаат сè да финишира како што посакуваат.
Сепак, убаво е уште еднаш да се потсети на тоа која комбинација на кој тим му одговара.
Еурофарм Пелистер решава сам, со победа или реми оди во плеј-оф
Екипата од Битола има 19 поени и плус три во однос на ривалите. Со победа над Прилеп или со нерешен резултат нема дилема за пласманот во плеј-офот. Ова решава сè така што нема да биде важно како ќе заврши дуелот во Скопје.
Со бод Еурофарм Пелистер 2 ќе дојде на 20 поени, со победа на 22 и ќе има повеќе од своите ривали така што тука се затвора целата приказна.
Победа на Прилеп и победа на Тиквеш носи радост за кавадарчани
Доколку денеска се случи тимот на Прилеп да дојде до победа, а истото го направи и составот на ГРК Тиквеш тогаш ова ќе биде радост за кавадарчани бидејќи тие ќе бидат во предност во однос на ривалите.
Во ситуација кога би имале сите по 19 бода тогаш сосема јасно е дека ќе решава мини табелата (подолу во текстот) и на неа ГРК Тиквеш е во предност бидејќи така би имал седум поени со што го има најдоброто место и оди во плеј-оф.
Прилепчани со најмалку шанси, но имаат надеж
Кога ќе се земат предвид бодовите, ситуацијата на табелата и распоредот за последното коло јасно е дека тимот на Прилеп има најмалку шанси. Сепак, постои надеж и мора да се верува.
Според ситуацијата која е актуелна тимот на Прилеп мора да победи со четири гола разлика и да чека вест дека ГРК Тиквеш не победил во Скопје против Работнички. Во ситуација кога кавадарчани не би победиле опција е и победа од три гола, но до 24 примени погодоци.
Дефинитивно многу математика, а многу неизвесност, па денешните 60 минути ќе бидат пеколни и максимално возбудливи.
МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ НА ЕКИПИТЕ КОИ СЕ ВО ТРКА ЗА ПЛЕЈ-ОФ МЕСТО
МИНИ ТАБЕЛА
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ГРУПА Б
ПОСЛЕДНО, 14. КОЛО
НЕДЕЛА, 27 ДЕКЕМВРИ
17:00ч
РАБОТНИЧКИ – ГРК ТИКВЕШ
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.
ПРИЛЕП – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2
Сала: „Р. Р. Ричко“ во Прилеп. Судии: Димитар и Дејан Георгиевски од Скопје. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.
20:00ч
МЕТАЛУРГ – БУТЕЛ СКОПЈЕ
Сала: „Автоокманда“ во Скопје. Судии: Методија и Михајло Илиевски од Битила. Делегат: Љупчо Јаневски од Скопје.
МЛАДОСТ 1977 е слободен
ТАБЕЛА
ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ