Португалски тинеjџер доаѓа во Вардар

Младинскиот и кадетски репрезентативец на Португалија, Нилтон Мело пристигнува во Скопје и ќе ги засили редовите на некогашниот европски првак Вардар. Младиот ракометар има 19 години игра на позиција лев бек и треба да биде поддршка за српскиот репрезентативец Стефан Петриќ во надворешната линија на „црвено-црните“.

Нилтон потекнува од Спортинг Лисабон, но во борба за минутажа често настапувал како позајмен ракометар. Има само 19 години, а изминатава сезона играше во португалското првенство за Викторија каде има настапено  на 24 натпревари (но без вистински бројки во неговата статистика).

Младиот бек потпиша со Вардар на две сезони и треба да му помогне на клубот во квалификациите за Лига Европа. Освен Нилтон и Петриќ, некогашниот ракометен гигант како засилување за следната сезона го најави и младиот српски интернационалец Марко Срдановиќ, а се уште се чека на потврда за трансферот на искусниот пивот Врањеш.

Вардар ја имаше најслабата сезона во изминатите 18 години, заврши како третопласиран во македонското првенство. Дел од клучните ракометари го напуштија клубот (Талески и Моралес), а „црвено-црните“ по суспензијата од ЕХФ минатата сезона започнуваат со конструкција на тимот кој во иднина треба да ги врати на старите патеки.