Репрезентацијата на Португалија славеше над Унгарија со 34-26 и практично им го сруши сонот на избраниците на Иштвај Гулјаш за место во полуфиналето. Дури и да победеа, Унгарците сепак ќе мораа да го чекаат исходот од мечот меѓу Словенија и Норвешка, и ќе навиваа за скандинавците.
Во првото полувреме најчесто се играше гол за гол, но Португалците беа тие што секогаш беа во предност од еден или два погодоци разлика. Сепак во финишот попушти концентрацијата на Унгарците, промашија Ѓери и Лигетвари, па Португалија стигна до највисоки плус три, 15-12.
Беше и 16-13, но Лигетвари со погодокот во последната секунда се погрижи за минус два на паузата, 16-14. Oчигледно Унгарците не се снајдоа во игра под притисок и Португалија ги казнуваше нивните грешки со лесни голови, па на десетина минути до крајот имаше плус шест 26-20.
Немаше дилеми околу победникот, најголемото изненадување на ова ЕП само рутински ја доврши задачата и славеше со 34-26. Најдобри стрелци во португалскиот состав беа Мореира со шест, како и Салина и Боргес со по пет, додека кај Унгарија се истакна ветеранот Балог со пет погодоци.
Сега Португалија има 4 бодови, Унгарија исто толку, а која репрезентација и да победи во дуелот меѓу Шведска и Исланд, ќе има исто толку бодови. Во кругот од три селекции во двете варијатни, Португалците се најдобра селекција и сигурно го обезбедуваат третото место.