Португалскиот шампион Порто според очекувањата славеше над Мешков Брест на гостувањето во Белорусија со 32-35 и го потврди петтото место во групата Б од Лигата на шампионите.
Уште од стартот Порто стави до знаење дека нема да препушти ништо на случајот и обезбеди висока предност во првото полувреме од плус седум, 6-13. До паузата домашните стигнаа да намалат на минус четири, 13-17.
Во вториот дел, Мешков преку разиграниот Акамбре намали и на минус два, 17-19, но гостите се вратија за кратко на разликата што ја имаа од полувремето и ја одржуваа до самиот крај за конечни плус три, 32-35.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мартин, Гомез, Ернандез, Алве и Итуриза со по четири погодоци, додека кај Мешков се истакнаа Малус со осум и Акамбре со четири.
По оваа победа на Порто, португалскиот првак е петти, Вардар шести, па европскиот првак во осминафиналето ќе вкрсти со ПИК Сегед, освен ако не се случи чудо – унгарскиот тим да ја победи Барса, а ПСЖ да загуби од Загреб.