Поранешниот репрезентативец на Црна Гора, Младен Ракчевиќ, најголемиот дел од својата клупска кариера ја помина во Македонија играјќи за Вардар и Металург. Својата кариера ја заврши во текот на 2018 година, а неговиот последен клуб беше Доброгеа Суд Констанца од Романија.
Ракчевиќ по пензионирањето својата љубов и волја ја насочи кон сопствено производство на вино. Денес, тој е сопственик на винарија „Ракчевиќ“, која е сместена во градот Цетиње, кај местото Смоковци.
Неговите вина на многу натпревари кон крајот на 2020 година беа наградени со златни и сребрени медали за квалитет во силна конкуренција.
„Беше голем предизвик да се започне ваква винска приказна. Меѓутоа, 15 години беше мојот сон да ја реновирам старата прадедовска куќа во селото, да го вратам имотот во првобитната состојба и да засадам нови лозја и овошни дрвја. Некако долго планирав да ја поврзам својата иднина за виното и селото“, изјави Ракчевиќ за црногорскиот портал „Колектив“.
Тој целиот труд го насочува кон својата винарија, причина поради која нема можност на големо на следи ракомет.
„Ракометот е мојата прва љубов. Сакам да кажам дека сум му благодарен на Бога што ми овозможи во својот живот да се занимавам со професиите кои се мојата љубов. Ракомет и вино, ми звучи совршено. Ракометот не ми недостасуваше многу, претпоставувам затоа што имав многу работа околу винаријата и затоа не размислував многу за ракометот. Сепак, сакам да гледам добар натпревар, разговарам со моите поранешни колеги за ракомет, тој едноставно продолжува да ми тече низ вените“.
Со репрезентацијата на Црна Гора настапи на Светското првенство во 2013 година, како и на Европското првенство во 2008 и 2014 година.