Шампионот на Романија, Динамо Букурешт минатата недела објави дека постигна договор со шпанскиот стратег Чави Пасквал кој ќе го предводи тимот во наредните три години.
Динамо Букурешт сака да се врати во елитниот европски ракомет и подготвува уште засилувања во пресрет на следната сезона. Романците се надеваат дека ќе добијат вајлд карта од ЕХФ за настап во Лигата на шампионите.
Потврдени трансфери досега се Седрик Сораиндо, Кристијан Дисингер, Камел Алуини, Алекс Пасквал Гарсија, а се очекува промоција и на Бразилецот Раул Нант. Шестото име кое се очекува да го засили Динамо е Романецот, Дан Емил Ракотеа, пишува „Про Спорт“.
Тој би требало да пристигне од екипата на Бидасоа Ирун. Левиот бек во изминатите години беше во комбинација за трансфер во Вардар, но тој не се рализираше и Ракотеа заврши од Висла Плоцк во Веспрем, но беше позајмуван во Шарт и Бидасоа Ирун.
Иако неколку трансфери во тимот на Динамо Букурешт не се официјални сепак е јасно дека екипата создава тим кој ќе биде сериозен противник за сите. Исто така има и играчи кои го напуштаат клубот, а тоа се Анте Кудуз кој доаѓа во Вардар и Стефан Вујиќ кој ќе игра за Минаур Баја Маре.