Екипата на Пелистер во новата сезона ќе влезе со поголеми амбиции во однос на изминатата сезона, кога тимот ја освои 8. позиција во женскиот шампионат. По ангажирањето на левиот бек од Деспина, Сања Цветкоска и левото крило од Феникс, Сара Илиевска, клубот го ангажираше првото засилување од странство.
Станува збор за екс репрезентативката на Франција, Мари Франсуа, која во таборот на Пелистер ќе пристигне од екипата на Трухтершајм. Искусната ракометарка може да ги покрива сите бековски позиции, а нејзина природна позиција е среден бек.
Франсуа во својата кариера настапуваше и за екипите на Дижон, Ница и Шамбре. Во 2014 година со екипата на Дижон ја освои титулата во Втората француска лига, додека во споменатата година година дебитираше за репрезентацијата на Франција во рамки од Златната лига и настапи на Европското првенство во Унгарија и Хрватска.
Раководството на Пелистер за следната сезона планира во своите редови да донесе уште едно странско засилување и три-четири домашни ракометарки, со цел клубот да обезбеди подобар пласман во Женската лига.
Пелистер во новата сезона во Женската лига ќе игра во групата А заедно со екипите на Куманово, Вардар, Чаир, Шампион, Гевгелија, Спартак и Скопје. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата од женскиот шампионат, додека останатите четири ќе играат во плеј-аут групата.