Поранешна унгарска репрезентативка ја доби најважната битка – го победи канцерот!

На поранешната репрезентативка на Унгарија, Тимеа Тот, по низата прегледи и испитувања, во февруари 2021 година и беше дијагностициран рак на една од градите. Тот целосно го привлече вниманието на тамошните медиуми по нејзините објави на социјалните мрежи дека не е срамота да се бара помош во такви тешки моменти.

Таа пред извесен период ја информираше јавноста дека се опоравила и ја добила најважната битка во нејзиниот живот. Сепак, во понатамошниот тек ќе следат дополнителни испитувања и операција, која треба да биде извршена до крајот на јануари.

Во својата кариера настапуваше за екипите на Ференцварош, Вац, Хипо и ЕРД. За репрезентацијата на Унгарија настапуваше од 2002 до 2010 година и одигра вкупно 155 официјални натпревари во репрезентативниот дрес.

Со својата репрезентација го освои бронзениот и сребрениот медал на Светското првенство во 2003, односно 2005 година. Во 2004 година на Европското првенство кое се одржуваше во нејзината земја, со своите колешки го освоија бронзениот медал.

Беше дел и од големото финале во Лигата на шампионите меѓу Кометал Ѓорче Петров и Ференцварош во 2002 година.