Поранешната репрезентативка на Македонија, Мери Гичева, која оваа сезона настапуваше за косовскиот суперлигаш, Феризај, реши и во следната сезона да биде активна на ракометните терени.
Прилепчанката имаше успешна сезона во косовскиот шампионат, беше најдобар стрелец во клубот од Феризај, постигна 146 погодоци на 22 одиграни натпревари и на клубот му помогна да оствари одлични резултати.
Феризај сезоната во домашниот шампионат ја заврши на второто место, избори пласман во Европа и играше финале во Купот на Косово. Голема заслуга за успехот на клубот има токму ракометарката од Прилеп. Иако има 38 години, Гичева сѐ уште е алфа и омега на терените.
Искусната ракометарка во својата кариера настапуваше за Кометал Ѓорче Петров, Еуростандард Ѓорче Петров, Кабран Амбалажа, Жито Прилеп, Деспина, Верија (Грција), Цетате Дева (Романија), Верона (Италија) и во косовските Приштина, Вучитрин и Феризај.