Десниот бек од Норвешка, Аманда Куртовиќ, ќе го напушти тимот на Ѓер и во продолжение од сезоната ќе биде во дресот на Кастамону. Оваа вест ја објави клубот од Турција каде се презадоволни што успеаја во своите редови да донесат поранешна олимписка, светска и европска шампионка.
Куртовиќ оди во клубот од Турција каде што тренер е Хеле Томсен, така што голема е веројатноста дека таа е една од виновниците поради кои ракометарката од Норвешка се одлучи да ја прифати понудата.
Кастамону гради полека силен тим, а самиот факт што една од најдобрите дами тренери е на клупата е доказ за овие амбиции.
Аманда Куртовиќ е играч со богато искуство зад себе. Има 29 години, а зад себе богата кариера. Настапува на позицијата десен бек, а досега играше за Нордстранд, Бјасен, Ларвик, Виборг, Опсал, ЧСМ Букурешт и Ѓер. За Норвешка настапува од 2011 година, а има злато од Олимписките игри во 2012 година, две од Светските првенства (2011 и 2015) и едно од Европското првенство во 2016 година.