Поранешната ракометарка на Вардар, Олга Фомина (Черноиваненко) ја доби наградата за најдобар спортист во Самарската област од страна на Министерството за спорт на регионот Самара.
Ракометарката на Лада и капитен на репрезентацијата на Русија беше избрана за најдобар спортист од летните олимписки спортови во женска конкуренција за 2021 година.
На големата регионална манифестација во градот Самара, екипата на Фомина, Лада Тољати, во номинацијата „Најдобар тим“ го освои второто место.
Десното крило на Лада оваа година во својот роден град Тољати ја доби наградата за „Лице на годината“ во категоријата Олимписки победи.
Фомина во составот на Вардар настапуваше две сезони, 2014/15 и 2015/16. По заминувањето од Скопје потпиша за Ростов Дон, а во 2019 година направи камбек во својот матичен клуб од Тољати. Со репрезентацијата на Русија го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио.