Репрезентациајта на Србија беше поразена минимално од Црна Гора и со тоа ги загуби сите шанси за пласман во следната фаза. Познанатиот српски стручњак и поранешен селектор на Србија, Јовица Цветковиќ „распали“ по управата на Ракометниот сојуз на Србија како главен виновник за слабите резултати на националниот тим.
Тој во изјавата за српскиот „Рукометни журнал“ не штедеше критики кон раководството на РСС и селекторот.
„На жалост српскиот ракомет е на работ на егзистенција. Тонеме се подлабоко и подлабоко и така ќе биде се додека овој спорт го водат разбојниците од Ракометниот сојуз. Играчите се единствените што и посакуваат добро на репреентацијата, ја преземаат одговорноста на себе, но и нив мора некој да ги води. Како услов за конкурирање за местото селектор би вовел задолжителен тест на интелигенција. Ненад Перуничиќ повеќе нема да го коментирам“, вели Цветковиќ.
Поранешниот селектор на Србија и понатаму тврди дека имаат играчи со кои може да се оствари сериозен резултат но…
„Што ни вреди кога со добар селектор и добро раководство би биле во врвот на светскиот ракомет кога кај нас сè се прави наопаку и кога овој спорт го водат луѓе исклучиво од личен интерес. Нашата игра е безидејна. Немаме плански контранапад, немаме брзина, пожртвованоста не постои. Ние немаме ништо, очигледно многумина ова го сметаат како патување на екскурзија. За мене влез во 12 најдобри би значело дека припаѓаме на елитата, но ние сме многу многу далеку“, продолжи Цветковиќ.
Оваа можност Цветковиќ ја искористи да го истакне односот на РСС кон него во времето кога тој беше селектор.
„За подвиот кој го направив на Европското првенство доделена ми беше награда од 10.000 евра која до денеска не ми е исплатена. Направив база за иднината и што добив на крајот? Го добив тоа да никој од сојузот да не смее да ме повика веќе две години“, заврши Цветковиќ.