Суперлигашот Прилеп, кој за следната сезона планира да биде поконкурентен во македонската елита, покрај засилувањата што ги промовираше, набрзо треба да го промовира и новиот тренер. Плановите на прилепчани се да бидат стабилен клуб, кој за неколку сезони ќе се вмеша во борба во самиот врв.
Според информациите на 24Ракомет, предводник на Прилеп во новата сезона ќе биде Божидар Мојсов, поранешниот помошен тренер на Еурофарм Пелистер. Официјализирањето на соработката, односно претставувањето на Мојсов за нов тренер на Прилеп треба да биде реализирано во следните денови.
Мојсов уште од самото формирање на тогашниот тим на Еурофарм Работник работеше во битолскиот тим, потоа откако клубот направи фузија со Пелистер, продолжи да ја извршува позицијата помошен тренер и собираше искуство од истакнати тренери, но и во неколку наврати беше во улога на прв тренер на македонскиот шампион.
Прилеп во меѓувреме ги потврди трансферите на голманот Давид Ацевски од Јуниор КВ, левиот бек од Струга, Никола Цветаноски и кружниот напаѓач од Радовиш, Томче Трајчевски. Клубот ги продолжи договорите со голманот Иван Ангелески, кружниот напаѓач Антонио Бурчески и левото крило Христи Бикоски.
Минатата сезона Прилеп одлично беше предводен од Реваз Чантурија, но тој сега ќе може да се концентрира само на играчкиот дел и нема да има обврска плус. Прилепчани во новата сезона за ривали во регуларниот дел од Супер лигата ги имаат Вардар, Пролет, Мулти Есенс, Голден Арт, Бутел Скопје, Еурофарм Пелистер и Вардар Неготино.
На крајот од август во Прилеп ќе се одржи и 8. традиционалниот турнир „Миле Нешкоски“ каде ќе настапат домаќинот, Еурофарм Пелистер 2, Струга, Кокс (Финска), Дубочица (Србија), Скопје, Мулти Есенс и Пролет.