Поранешниот репрезентативец на Белорусија и Русија и екс играч на Вардар, Сергеј Горбок, кој по завршувањето на професионалната кариера играше за тимот на Дворец од Москва, во следната сезона ќе го предводи рускиот суперлигаш Виктор Ставропол.
Горбок тренерската функција во Виктор Ставропол ќе ја преземе од прославениот руски ракометар, Константин Игропуло. Раководството на рускиот суперлигаш преку социјалните медиуми ја потврди соработката со поранешниот играч на „црвено-црните“.
Екипата на Вардар беше последниот професионален клуб на Горбок во играчката кариера. Искусниот лев бек во 2020 година реши да се повлече од ракометните терени, но во текот на минатата година донесе одлука да му помогне на тимот на Дворец.
Освен за Вардар, Горбок настапуваше и за Аркатрон Минск, клуб во кој ја започна својата кариера, играше и за Запорожје, Целје, Рајн Некар, Чеховски Медведи, ПИК Сегед и аматерскиот руски клуб – Дворец. Со македонскиот шампион во сезона 2018/19 ја освои титулата во Лигата на шампионите.
Екс ракометарот на Вардар настапуваше и за две репрезентации. Од 2001 до 2009 година ги бранеше боите на Белорусија, а потоа ја прифати понудата од Русија и од 2012 до 2020 година го носеше дресот на „зборнаја“.