Поранешен голман на Пелистер од Асобал лигата се сели во Израел

Голманот од БиХ, Харис Плех во следната сезона ќе има нов интернационален предизвик. Босанецот е најновото засилување во израелскиот суперлигаш, Хапоел Кирјат Оно, клуб во кој своевремено настапуваше ракометарот од Македонија, Стефан Трпчевски.

Плех во оваа сезона беше дел од шпанскиот клуб Нава. Со клубот не успеаја да изборат опстанок во Асобал лигата, завршија на 15 место со биланс од 18 порази, 8 победи и четири нерешени средби, но екс голманот на Пелистер бранеше во солидно издание и на крајот од сезоната доби одлична понуда од израелскиот клуб.

Хапоел Кирјат Оно откако не успеа да се пласира во плеј-оф фазата, во натпреварите од плеј-аут групата го покажа својот квалитет и натпреварувачката сезона во шампионатот на Израел ја заврши на 7. позиција.

26-годишниот голман бранеше и за Горажде, грчкиот АЕК Атина, финскиот ХИФК Хелсинки, турксиот МИК Хендбол и португалската екипа, Спортинг Хорта. Тој беше дел и од битолски Пелистер во сезоната 2018/19.