Украинскиот шампион Мотор Запорожје денеска ќе гостува во Скопје на натпревар од регионалната СЕХА лига.
По смената на тренерот Николај Степанец, Мотор на дуелот со првакот Вардар ќе го предводи Сергеј Серенко, додека во Запорожје остана досегашниот помошник тренер, Ростислав Ланевич, кој го менува Степанец и ќе работи со првиот тим пред дуелот со Монпелје.
Мотор допатува во Скопје со 12 ракометари, од кои двајца голмани (Будко и Белиј), а од играчите во поле, најпознат е некогашниот ракометар на Вардар, Стеван Вујовиќ.
Тука има дел од украинските репрезентативци како Касај, Паровинчак, Тјутјуник и Кравченко, кои би можеле да се најдат на списокот на Бебешко и за дуелот против Македонија на Европското првенство во јануари.
Натпреварот меѓу Вардар и Мотор Запорожје се игра вечерва со почеток во 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“.