Репрезентацијата на Македонија го заврши настапот на Мундијалот во Египет, а после добри 40 минути игра на крајот претрпе нов пораз против Белорусија со 26:30.
Ова беше последниот дуел на кој беше дефинитивно покажана најдобрата игра бидејќи се играше подобро и од оној натпревар против Чиле кога беше забележана единствената победа на првенството.
Од почетокот на средбата се виде дека ова ќе биде далеку подобар натпревар бидејќи постојано се играше на едно задоволително ниво. После 3:2 за Белорусија, Македонија имаше серија од три гола за 5:3 и тука работите тргнаа на подобро. Постојано предноста беше на страна на Македонија и се диктираше игра и темпото на овој натпревар.
Сè одеше добро во нападот, а одбраната беше на солидно ниво. Таквата игра овозможуваше Македонија да биде во постојана предност, но противникот доаѓаше до израмнување.
Ваквиот развој на настаните придонесе на одмор да биде без предност за никого, 14:14.
Вториот дел почна со два гола на Белорусија и со негатива поради која мораше да се крене нивото на игра. Македонија се врати на нерешени 17:17, а потоа откако Белорусите одново поведоа и со три гола дојде до ново израмнување на 20:20.
Ова се случи после 40 минути игра, а шест минути подоцна Белорусија веќе водеше со 24:20. Тука Македонија како да го загуби здивот и тешко се реализираше. Тоа и помогна на Белорусија да има постојана контрола односно да биде во водство кое гарантира победа.
На крајот поразот беше 26:30 што беше резултат на лошо одиграните 20 минути во второто полувреме откако противникот набрзина успеа да направи плус четири иоваа позитива да ја дочека до крајот од средбата.
Македонија со ова го освои последното место во Групата 4, а со оглед на тоа што само Уругвај има послаба гол разлика најверојатно ќе биде освоено 23. место на крајот од овој шампионат.