Ракометарот од Данска, Расмус Бојсен, кој е познат ракометен блогер и често на социјалните мрежи ги коментира ракометните случувања низ светот, најверојатно нема да може да ја продолжи својата ракометна кариера.
За потсетување, Бојсен пред пет месеци доживеа тежок потрес на мозокот на натпревар од данскиот шампионат на кој неговата Фредериција се сретна со Бјерингбро Силкеборг. По направените лекарски прегледи, беше утврдено дека се работи за потрес на мозокот, а опоравувањето на 29-годишниот играч го немаше посакуваниот ефект.
Бојсен преку социјалните мрежи изјави дека ја завршува својата кариера, а во иднина може да се врати во ракометот како аматер, односно да настапува во понизок ранг на натпреварување во својата татковина.
,,Сега се чувствувам многу подобро, но, за жал, ништо не укажува дека наскоро ќе можам да се вратам на терените. Затоа, мојата професионална кариера, со висок степен на веројатност, заврши. Боли да се зборува за тоа, но сè се случува со причина. Можеби подоцна ќе играм ракомет, но не на професионално ниво”, напиша Бојсен на социјалните мрежи.
Бојсен во својата кариера настапуваше за екипите на Скерн, Елверум, Рибе Есбјерг и Фредериција. Со екипата на Елверум во сезона 2019/20 настапуваше во Лигата на шампионите.