Пред натпреварот против Флензбург во Вардар има мали турбуленции, откако еден ракометар беше позитивен на Ковид 19. Поради Томислав Јагуриновски сите ракометари и членови на стручниот штаб мораа на тестирање, а резултатите се негативни така што нема никакви проблеми кај другите играчи на „црвено-црните“.
Ова тестирање беше направено откако Јагуриновски беше самиот на тест во саботата и истиот беше позитивен.
Јагуриновски е вториот ракометар кој е позитивен во Вардар откако пред почетокот на сезоната позитивен беше капитенот на екипата, Стојанче Стоилов.
Инаку, Јагуриновски не играше на средбата против Металург в петокот, па не постои можност да има пренесување на вирусот за време на контролниот натпревар. Тој имал само зголемена температура и се чувствува добро, но останува во домашна изолација.
Поради тоа што протоколот пред секој натпревар од Лигата на шампионите налага тестирање на сите играчи и тренерскиот тим, ќе мора да има уште едно тестирање пред средбата со Флензбург од Лигата на шампионите која се игра в четврток од 20:45 часот.