Поповски и Цирих му „потпишаа“ отказ на легендарниот Лијевски

Полскиот суперлигаш Горњик Забже не успеа да ги оствари зацртаните цели на европска сцена за новата сезона и уште во првото квалификациско коло од Лига на Европа доживеа елиминација.

Ракометарите на Горњик Забже беа елиминирани од Амичитија Цирих, екипа во која настапува ракометарот од Македонија, Мартин Поповски.

Раководството на полскиот тим поради елиминацијата уште во првото коло во второто по ранг квалитетно европско натпреварување реши да ја прекине соработката со тренерот Марчин Лијевски.

Екс репрезентативецот на Полска, кој од 2019 година ја извршуваше тренерската позиција во Горњик Забже, уште во првата сезона го предводеше тимот до бронзен медал во полскиот шампионат и во последните две сезони имаше солидни резултати со неговите избраници.

На првиот дуел меѓу Горњик Забже и Амичитија Цирих во рамки од првото квалификациско коло од Лига на Европа, победа оствари екипата од Полска со 27:19, додека на реванш дуелот, кој беше одигран во Цирих, екипата на Мартин Поповски победи со 32:23 и избори место во второто квалификациско коло од ЛЕ.