Селекторот на женската сениорска репрезентација на Црна Гора, Бојана Поповиќ доби продолжување на договорот.
Прославената ракометарка својата репрезентација ќе ја води до крајот на Олимписките игри во Париз (2024).
Челниците од ракометната куќа на Црна Гора се задоволни од досегашната работа на Поповиќ, која со своите избранички го освои бронзениот медал на Европското првенство 2022.
Поповиќ во март, 2021 година, беше назначена за нов селектор на црногорската репрезентација. Таа ја водеше репрезентацијата на Олимписките игри во Токио и Светското првенство во Шпанија во 2021 година и на Европското првенство во ноември минатата година, каде Црна Гора го освои првиот медал по десет години.
Тоа значи дека Поповиќ ќе го заврши олимпискиот циклус во кој е вклучено и Светското првенство кое од 30 ноември до 17 декември годинава ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска, а за кое учество обезбеди Црна Гора со освојувањето на бронзениот медал на континенталниот собир минатата година.