Дебитантот во Женската лига, Скопје на свој терен славеше против составот на Гевгелија, со резултат 27:25, во натпревар од последното коло од регуларниот дел од сезоната.
Како што е веќе познато, двете екипи ќе играат во плеј-аут фазата и ќе се борат да се покажат во подобро светло. На првиот меѓусебен дуел триумфираше Гевгелија со 30:27.
Избраничките на Валентина Радуловиќ речиси во текот на целиот натпревар имаа контрола на резултатот. Гевгелија поведе само на почетокот со 2:1, а сѐ друго мина во знакот на домаќинките, кои константно беа во предност. Скопје на пауза замина со активен резултат од 12:10.
Гевгелија, која на овој дуел настапи со 11 ракометарки, немаше многу идеја во нападот и најчесто преку Гичева и Димова доаѓаше до погодок, но тоа не беше доволно за поволен резултат на екипата од најјужниот град во Македонија.
Скопје во продолжението зголеми на 15:11, лесно доаѓаше во позиција за гол и како одминуваше времето домашниот тим градеше сигурна предност. Ракометарките на Скопје во последниот период зголемија на 26:20 и го водеа натпреварот до победа. Гостинките од Гевгелија во финишот успеаја само да го ублажат поразот.
Предводничка во победничката екипа беше Јасмина Попова, која постигна десет погодоци. Кај Гевгелија се истакнаа Мери Гичева со девет и Елена Димова со шест реализации.