„Помеѓу Трефилов и Амброш, го избирам Шпанецот“

Репрезентативката на Русија и ракометарка на Ростов Дон, Ана Вјахирева која не е дел од својата селекција на Европското првенство во Данска имаше интервју за унгарскиот nemzetisport.hu.

Во интервјуто Вјахирева говореше за омилениот тип на тренер со кој повеќе сака да соработува, направи споредба помеѓу Амброш Мартин и Евгениј Трефилов и се осврна на коментарите на социјалните мрежи за нејзината игра.

„Не сум од оние кои секој момент од животот го споделуваат на социјалните мрежи, добивав многу критики на  интернет за мојата игра, мислам дека секој играч се соочува со ова но не обрнувам внимание на нив, тие секогаш ќе постојат. Ако ги споредиме руските селектори со странските, домашните се секогаш построги. Пристапот на Амброш Мартин повеќе ми се допаѓа, особено ми се допаѓа кога тренерот ги третира играчите еднакво и ги прашува за нивно мислење. Со нив се однесува како со професионални спортисти, додека Евгениј Трефилов одеше во спротивна крајност што не ми се допаѓа“, рече Ана Вјахирева.

Вјахирева веќе десет години настапува во првенството на Русија, но најави дека би сакала да се испроба во некоја друга европска земја, пред се заради квалитетот и запознавање со нови култури.

„Играм во Русија скоро десет години, би било убаво да се испробам во друга земја и да запознаам друга култура. Ме интересира како живеат луѓето на други места во светот. Иако руската лига е силна, има и други силни првенства ширум Европа. Тоа се на пример Унгарија, Франција, Данска или Романија. Ова не значи дека ќе си заминам од Ростов од наредната сезона, но отворена сум за нови предизвици“, заврши Вјахирева.