Машката кадетска репрезентација на Македонија обезбеди место во финалето на ЕХФ шампионатот во Скопје, откако во драматичен натпревар по пенали ја совлада селекцијата на Швајцарија со 34-33.
Ривал на кадетите за трофејот и за место на ЕП следната година и во кадетска и младинска конкуренција ќе биде Полска.
Оваа селекција ја совладавме во групната фаза, убедливо со 30-25, но финалниот натпревар сигурно нема да биде ист како претходниот, па нашите кадети ќе мора да го вложат и последниот атом од силите за нов триумф.
Полската репрезентација ја совлада БиХ во полуфиналето со 12 голови разлика, 41-29. На овој меч се истакна Андреј Видомски со осум голови, а претходно добри партии на другите натпревари имаа и крилата Молски и Сургиел.
Натпреварот меѓу Македонија и Полска се игра утревечер во СЦ “Борис Трајковски” со почеток во 18:00 часот.