Со натпреварот меѓу Полска и Бразил одигран вечерва во Краков завршија пријателските натпревари на репрезентациите за оваа 2022 година. На последниот дуел од турнирот „Четири нации“ Полска го совлада Бразил со 31:23 (14:13) што беше доволно за второто место на турнирот. Бразил имаше водство во првите 20 минути, а потоа Полска откако поведе со 13:12 го контролираше резултатот за убедлива победа на крајот од дуелот.
Во првиот натпревар од денешната програма на турнирот, Тунис ја совлада Јужна Кореја со 35:32 и со тоа го обезбеди првото место.
Тунис турнирот го заврши со 3 победи без пораз, додека домаќинот Полска, која воедно е и ко-домаќин на Светското првенство има биланс 2-1 (победи-порази). Јужна Кореја го освои третото место со скор 1-2, а Бразил е последен со 0-3.
Натпреварот меѓу Полска и Бразил почна со минута молчење во чест на фудбалската легенда Пеле, кој почина на 82.годишна возраст.