Една од носителките на полската репрезентација во изминатите години, Каролина Кудлач беше изоставена од списокот на селекторот на Полска, Арне Сенстад за репрезентативните подготовки во пресрет на квалификациите на Европското првенство 2022 година кое ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора.
Норвешкиот тренер кој од 2019 година ја извршува селекторската функција во репрезентацијата на Полска, започна со помладување на екипата и поради тие причини, Кудлач не доби свое место, иако долго време ја носеше капитенската лента на Полска.
Искусната ракометарка која неколку пати беше меѓу главните стрелци во Лигата на шампионите нема да игра ниту во квалификациските натпревари против Швајцарија, Русија и Литванија за настап на ЕП во 2022 година.
За репрезентацијата на Полска, Кудлач настапува од 2004 година. На големите натпреварувања вкупно има одиграно 193 официјални натпревари и постигнато околу 1000 погодоци. Моментално настапува во Бундес лигата и го носи дресот на Битигхајм.