Крајот на финалето во Купот на Македонија меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер заврши со искри на теренот откако еден од ракометарите на двате екипи изреагира нессодветно на провокациите на спротивниот табор.
Мешаницата која настана покрај аут линијата, бргу се расчисти, имаше туркање и кошкање, но ништо не навестуваше дека полицијата ќе реши да удри по ракометарите за да ја смири ситуацијата, во која најдебелиот крај го извлече Филип Талески.
Полицискиот припадник, кој тепаше ракометари и го удри со пендрек по глава македонскиот репрезентативец Филип Талески, е суспендиран од своето работно место.
Од МВР информираа дека против лицето Х.Р е поднесена кривична пријава за „малтретирање во вршење на службата“.
,,Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје, поднесе кривична пријава против Х.Р., вработен како полициски службеник во полициска станица на подрачје на СВР Охрид, поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело „малтретирање во вршење на службата“, по член 143 став 1 од Кривичниот законик. Имено, пријавениот на 13.05.2023 година, околу 20.00 часот во Спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид по завршување на ракометен натпревар, при вршење на службата со умисла извршил малтретирање врз оштетениот Ф.Т. на начин што неосновано и прекумерно употребил средства за присилба врз него. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, како овластен предлагач, против Х.Р. ќе покрене постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, а работникот ќе бидат суспендиран од работа до завршување на дисциплинската постапка”, се вели во соопштението на МВР.
Во прекумерната полициската интервенција палка заработи и Урбан Лесјак, словенечки репрезентативец и член на Еурофарм Пелистер.
За потсетувње, тимот на Вардар го совлада Еурофарм Пелистер со 23:22 и го одбрани Куп трофејот.