Селекторот на Португалија, Пауло Переира го објави списокот за двомечот со Македонија од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2024 година.
На скратениот список кај Переира партиципираат 17 ракометари, најголемиот дел од нив доаѓаат од Порто, клуб во кој настапува голманот на македонската репрезентација Никола Митревски.
Португалија во својот состав има неколку искусни интернационалци кои играат во најдобрите европски клубови. Переира ќе може да смета на кружниот напаѓач Луис Фраде, кој веќе четири сезони настапува во Барселона, како и на двајцата ракометари од Нант, левото крило Педро Портела и левиот бек Александар Калваканти.
За натпреварите против Македонија ќе биде и членот на Мелсунген, левиот бек Андре Гомеш, потоа средниот бек Мигел Мартинс од ПИГ Сегед, МВП играчот од Европското јуниорско првенство од 2018, десниот бек Диего Силва, кој има одлична сезона во Екс ан Прованс.
Токму членот на Екс ан Прованс е единствениот ракометар на десната бековска позиција, бидејќи големата надеж на Португалија, Франциско Кошта нема да настапи поради повреда.
Првиот меч меѓу Македонија и Португалија ќе се игра на 9 март во Скопје, додека вториот двобој е во Матосињос на 12 март.