ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Чаир комплетен ќе му се спротистави на косовскиот шампион

Ракометарките на Чаир денес на Косово ќе ја стартуваат европската авантура. Противник на Чаир во рамки од второто коло од Европскиот Куп е косовскиот шампион Истог.

Раководството на македонскиот претставник одлучи двата натпревари да ги игра на Косово, па така Чаир на вториот дуел, односно на реванш натпреварот ќе биде формално домаќин.

Тренерот Басри Љатифи за денешниот натпревар ќе ги има на располагање сите ракометарки од ростерот. Во составот на Истог ќе настапи поранешната ракометарка на Вардар, левото крило Дајане Пирес да Роча, која во сезона 2013/14 го носеше „црвено-црниот“ дрес.

Натпреварот меѓу Чаир и Истог ќе стартува со почеток од 17:00 часот. Реванш дуелот ќе се одигра утре во истиот термин. Победникот ќе обезбеди пласман во третото коло од Европскиот Куп.