Екипата на Еурофарм Пелистер денеска ќе го одигра четвртиот натпревар сезонава во Лигата на Европа, а за противник го има составот на Тримо Требње од Словенија.
Битолчани гостуваат во Словенија каде што ќе имаат нов обид да дојдат до бодови. Еурофарм Пелистер има свои шанси, а после едно реми и два порази може да се надева на добра игра и да има обид за успех против претставникот на Словенија.
Домаќинот ќе биде без искусното лево крило Дарко Цингесар, додека во битолскиот состав отсуствуваат Кукуловски, Граџан и Ѓукиќ.
Тренерот Жељко Бабиќ ќе има на располагање три десни бекови, па најголема шанса за ротација ќе има на таа позиција. Натпреварот се игра вечерва во 20:45 часот во салата „Тиволи“.