Европската ракометна федерација ги објави составите на селекциите на Португалија и Македонија за дуелот од 4 коло од квалификациите за ЕП 2024.
Селекторот Кире Лазаров се реши за две промени во ростерот во однос на првиот натпревар одигран пред два дена во Скопје.
За разлика од првиот дуел против Португалија, на денешниот натпревар нема да настапат Цветан Кузмановски и Марко Мишевски.
Шанса за минутажа на теренот ќе добијат Михајло Младеновиќ и Михаил Аларов, кои не играа на првиот двобој со селекцијата на Переира.
На првиот дуел Португалците победија со 29-23 и се доближија до првата позиција во квалификациската група.
Натпреварот меѓу Португалија и Македонија се игра вечерва во Матосињос со почеток од 18:30 часот.