По одигрувањето на бараж дуелот меѓу Вардар Неготино и Драчево познати се сите учесници за новата сезона 2023/24 во Супер лигата.
Неготинци на искуство обезбедија опстанок во елитата, додека Драчево и во следната сезона ќе мора да игра во прволигашката конкуренција.
Од 16 екипи во Супер лигата кои најпрвин ќе се борат во регуларниот дел, потоа ќе бидат поделени во плеј-оф./аут, дури осум се од македонската престолнина.
Иако Јуниор КВ отпадна од Супер лигата и се сели во понизок ранг, во новата сезона директен пласман обезбедија првопласираниот и второпласираниот од Првата лига, Мулти Есенс и Аеродром, така што од Скопје ќе има плус еден претставник за разлика од штотуку завршената сезона, во која имаше вкупно седум скопски екипи.
Источна Македонија нема да има претставник во суперлигашката конкуренција, откако Радовиш по десет години играње во најквалитетното македонско натпреварување не успеа да обезбеди опстанок.
Од внатрешноста на Македонија ќе има осум екипи, од кои новиот шампион Еурофарм Пелистер има најдолг суперлигашки стаж. Неговиот „помлад брат“ Еурофарм Пелистер 2 е најмладиот учесник од внатрешниот дел од Македонија.
Второ учество во новата сезона ќе има вицешампионот Алкалоид, кој има амбиции да стане посилен, со оглед на тоа дека ќе игра и во Лига на Европа.
Дебитанти во Супер лигата ќе бидат екипите на Мулти Есенс и Аеродром. Со оглед на тоа дека елитата е поскапа, но и посилна дружба, интересно ќе биде да се виде со каков состав ќе настапат новите суперлигаши.
Учесници за сезона 2023/24 во Супер лигата:
Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Вардар, Тиквеш, Бутел Скопје, Охрид, Еурофарм Пелистер 2, Пролет, Струга, Голден Арт, Куманово, Прилеп, Скопје, Вардар Неготино, Мулти Есенс, Аеродром.