Второто издание на турнирот „Крсте Андоновски – Усташ“ што од 23 до 26 август ќе се одржи во Охрид ќе понуди богата ракометна програма, бидејќи ќе учествуваат пет домашни и три странски екипи.
Амбициозниот Бутел Скопје и клубот со голема традиција, турскиот суперлигаш Бешикташ, се последните два учесници кои го потврдија доаѓањето на меморијалниот турнир. Турскиот тим своевремено беше дел од ЛШ.
Охриѓани во четири дена ќе имаат прилика да уживаат во квалитетен ракомет, со оглед што меѓу учесниците ќе биде новиот македонски шампион Еурофарм Пелистер, кој во новата сезона ќе учествува и во Лигата на шампионите.
Од домашните клубови ќе учествуваат уште Вардар, Голден Арт и домаќинот Охрид, додека гости од странство ќе бидат и Металопластика од Србија, како и словачкиот Татран Прешов, екипа која минатата година учествуваше на традиционалниот турир во Струга.
Лани турнирот се играше со четири екипи, Охрид, Пролет, Тиквеш и Партизан, а победник беше тимот од Кавадарци.