Од Африканскиот шампионат во женска конкуренција, кој моментално се одржува во Сенегал, четирите најдобри репрезентации обезбедуваат пласман на Светското првенство 2023.
По одиграните четвртфинални натпревари, познати се патниците од Африканскиот шампионат на Мундијалот 2023, кој ќе се одржува во Данска, Норвешка и Шведска.
Репрезентациите на Ангола, Камерун, Сенегал и Конго, откако се пласираа во полуфиналето на Африканскиот шампионат, си обезбедија и место на Светското првенство следната година и ќе бидат дел од најдобрите репрезентации на светот.
Ангола до полуфиналето стигна со победата против Тунис од пет гола разлика, 29:24. Фаворизираниот состав на Ангола за финале ќе се бори против Сенегал, кој во четвртфиналето славеше над Египет со 21:19.
Конго, откако ја декласираше Брегот на Слоновата Коска со 35:21 закажа полуфинале со репрезентацијата на Камерун, која го доби дерби дуелот против ДР Конго со 23:22.