Еден од домаќините на Европското првенство, селекцијата на Норвешка, славеше во пресметката со Словенија со 33-30 и го потврди првото место во групата 2 од главната рунда на континенталниот собир.
Со овој триумф, скандинавците си го избраа полуфиналниот ривал, а тоа ќе биде селекцијата на Хрватска, додека Словенија ќе налета на европскиот шампион Шпанија.
Избраниците на Љубо Врањеш водеа само на стартот со 0-1, а потоа се беше во знакот на домаќинот во текот на целиот меч. Словенија играше практично со втората постава и на неколку пати се закани и намали на минус еден, но не се трудеше премногу да направи комплетен пресврт.
Најдобри стрелци кај Норвешка беа Гуликсен со седум и Танген со пет, додека кај Словенците се истакнаа Кодрин и Цехте со по пет погодоци.
Натпреварите од полуфиналето се играат во “Теле 2 Арена” во Стокхолм в петок.