Ракометарите кои летово го засилија тимот на Металург денеска пристигнаа во Автокоманда, а сите играчи се веќе на тренинг и денеска одработија во групи на стартот од подготовките.
Иако тимот е веќе неколку дена на тренинзи, сепак, дури денеска почнаа во комплетен состав. Кастратовиќ ги имаше сите играчи на располагање и можеше да одработи според планот.
„Почнавме уште минатата седмица, но работевме одделно во групи. Дури денеска бевме комплетни. Пристигнаа сите засилувања и веќе работиме според планот. Утре наутро завршуваме со делот на тренинзи по групи и попладне ќе почнеме на отворено така што ќе се тренира на игралиштето во Автокоманда. Ќе тренираме неколку дена, па заминуваме за Маврово каде што ќе работиме до турнирот во Струга. Потоа ќе ни остане само малку време до првиот натпревар од Лигата на Европа“, коментираше Кастратовиќ за 24Ракомет после денешниот официјален старт на подготовките.
Новите играчи Златко Хорват, Момир Рниќ, Никола Потиќ, Бранко Канкараш и Марко Тарабокија може да се запознаат со новите колеги, а ја имаа и првата заедничка фотографија така што веќе почнува уигрувањето на новиот состав на Металург.
Инаку, денеска пристигнаа и другите странци во Металург така што Кастратовиќ ги имаше сите играчи на кои смета на располагање.