Последните девет години, машката сениорска репрезентација подготовките за настап на ЕП или СП ги стартуваше во декември, но сега веројатно нема да играме на големо натпреварување, па собирот се одржа по Нова Година.
Иако сме прва резерва за Мундијалот во Египет, со секој поминат ден, шансите се се помали, ако воопшто и ги има, некој да се откаже или да не отпатува. Селекторот Данило Брестовац денеска собра една поинаква репрезентација, без дел од искусните играчи како Стоилов, Манасков, Ристовски, Георгиевски, Маркоски…
На списокот на селекторот има 20 ракометари, меѓу кои се и капитенот Лазаров, Митревски, Пешевски…плус четири резерви, доколку се случат некои непредвидени работи, односно повреда, позитивен тест на коронавирус и сл.
Тука се бекот Горан Крстевски од романскиот Фочани, потоа левото крило на Еурофарм Пелистер 2 – Цветан Кузманоски, голманот на Охрид – Никола Даниловски, пикерите на Пролет и Металург – Михаил Аларов и Милан Лазаревски…
По тестовите на Ковид-19, тренинзите вечерва ќе продолжат во СЦ „Борис Трајковски“, а двете пријателски средби со селекцијата на Чиле, која се подготвува за СП, би требало да се одиграат на 5 и 9 јануари.