Со голот на Мартин Поповски постигнат после брз центар репрезентацијата на Македонија стигна до победа од 29:28 на втората контрола против Грузија. Во интересен натпревар полн со неизвесност, на крајот триумфот е сосема заслужен така што Македонија ја заврши ЕХФ-неделата со три победи и реми.
Почетокот беше за Македонија, а тука главната улога ја имаше Филип Талески кој одлично го отвори натпреварот постигнувајќи три погодоци во првите пет минути. После 3:1 предноста неколку минути се чуваше и Македонија беше на плус два по што следуваше зголемување на разликата. Во 12. минута водството беше 8:3 и овие пет гола даваа надеж за убав резултат.
Откако беше постигнат по еден гол на двете страни следуваше мала криза по која гостите дојдоа до негатива од два гола. Македонија водеше со 9:7, па тука конечно беше најден потребниот ритам за да може одново да се има повисока предност. Засилувањето на ритамот донесе 15:9 во 25. минута.
Сепак, секогаш кога ќе се направеше убава предност доаѓаше до пад во играта и тоа им даваше шанса на противниците. Грузијците знаеја како да стигнат до ново враќање, па со четири гола во серија во финишот од првиот дел одново се вратија во игра за подобар резултат. Меѓутоа на одмор Македонија имаше водство од 17:14.
Вториот дел почна со игра гол за гол, но Македонија не можеше да дојде до подобар резултат. Играта не даваше многу надеж, па тоа остави простор за Грузија. Гостите знаеја да казнат и во 41. минута по вторпат на оваа средба успеаја да израмнат, сега на 21:21. Издржаа неколку минути во нерешен резултат, а потоа после 22:22 следуваше добра одбрана и два гола за 24:22 на средна од второто полувреме.
Одново имаше проблеми, па Грузијците успеаја уште еднаш да се вратат. Во 53. минута дојдоа до 25:25 така што овој резултат најави возбудлива завршница на натпреварот. Така продолжи до крај при што Македонија главно беше таа која водеше.
На 30 секунди до крајот со голот на Поповски од пенал, Македонија стигна до водство од 28:27, а за противникот останаа 27 секунди за последниот напад на натпреварот. Грузијците реализираа преку Чковребадзе, додека Поповски беше тој кој брзо врати за победа од 29:28.
МАКЕДОНИЈА – ГРУЗИЈА 29:28 (17:14)
Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 300. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Марјан Огњановски од Скопје.
МАКЕДОНИЈА: Томовски (6 одб.), Ристовски, Кизиќ (4 одб.), Велковски, Димитриоски 6, Лазаров, Талески 7, Костески 2, Танкоски 2, Крстевски 1, Кукуловски, Поповски 7, Младеновиќ, Пешевски 3, Јагуриновски 1, Маџовски 1, Димитриевски, Мишевски, Арсеновски .
Седмерци: 3/3, Исклучувања: 4 мин.
ГРУЗИЈА: Тевзадзе (10 одб.), Цинтадзе (2 одб.), Тороњадзе, Абрамишвили, Мерквиладзе, Рустамов 2, Чиковани 1, Кбилашвили 3, Чковребадзе 9, Орјоникидзе 3, Мајсурадзе, Лапијашвили, Арсенашвили 8, Цителишвили, Чантурија, Гоголадзе, Симонија, Дикаминџија 2.
Седмерци: 1/1, Исклучувања: 8 мин.