Ракометарите на Металург ја забележаа првата победа во суперлигашкиот плеј-оф. По поразот од Пролет и ремито со Струга, тимот од Автокоманда славеше над Еурофарм Пелистер 2 со убедливи 36-23.
Уште од стартот домашните поведоа со 5-1 и со тоа беше најавено победничкото деби на Иван Марковски на клупата на Металург. Беше и 6-2, пред да се случи прекинот на десет минути и повредата на Марко Тарабокија, кој беше изнесен на носилки од теренот.
Битолчани во продолжение успеаја да намалат во два наврати на три разлика, но домашните беа решени да слават убедливо. На паузата беше 17-11 за Металург, а во вториот дел крилата на домашниот тим, Поповиќ и Хорват ги казнуваа сите грешки на гостите.
Немаше неизвесност до самиот крај, а предноста на металурзи растеше до конечните плус 13 разлика, 36-23.