Екипата на Коњалти, во која настапува репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска, како и поранешната ракометарка на Металург и Вардар, Ивана Гакидова, со победа ја започна новата сезона во турскиот шампионат, откако на свој терен славеше против Ускудар со три гола разлика, 34:31 (20:13).
Македонското дуо одигра солиден натпревар и имаше свој придонес во победата над Ускудар, екипа, која што е еден од ривалите на Коњалти за првите места на табелата во шампионатот на Турција.
Јанеска беше втор стрелец во победничката екипа, постигна шест погодоци и подели неколку асистенции кон нејзините колешки, додека Гакидова еднаш се запиша во листата на стрелци и одлично ја заврши својата задача во одбраната.
Коњалти во изминатата сезона одигра на одлично ниво, заврши на 4. позиција во најквалитетното натпреварување во Турција и обезбеди европски билет, односно настап во женскиот Европски Куп, каде во втората фаза ќе се соочи со екипата на Пилаја од Грција.
Во следното, второ коло, екипата на Јанеска и Гакидова ќе гостува кај незгодниот состав на Јаликавак.