Кадетската женска репрезентација на Македонија имаше победнички старт на Светското првенство на кое сме домаќини и славеше над селекцијата на Сенегал со убедливи 32-13.
Бојана Коцева и Ризоска донесоа набрзина 2-0 предност за Македонија, а веќе по осум минути игра беше 6-2, па селекторот на Сенегал мораше да бара тајм-аут. Неговите девојки намалија на 6-4 и тука застанаа.
Следуваше фантастична серија на Македонија од осум голови во низа. Сенегалките грешеа, нивните удари беа лесен плен за Јовановска, а во нивниот гол погодуваа Пешиќ, сестрите Коцеви, Дукоска…за 14-4.
Савевски ги ротираше сите ракометарки што ги имаше на располагање во финишот на полувремето, предноста на Македонија можеше да биде уште повисока, но неколку пречки и стативи, неколку одбрани на голманката на Сенегал и на пауза беше 17-7.
Вториот дел беше само формалност и се знаеше победникот, а македонскиот селектор им даде шанса на сите ракометарки од ростерот. Играа Равојска, Стефаноска, Нестороска, Чурлиновска, Велкова, Коловска, Јанкуловска, Богојеска и Далипоска, додека Младеновска на кратко влезе да шутира пенали.
Многуте ротации вооошто не се почувствуваа врз резултатот, бидејќи предноста од првото полувреме беше дуплирана. На крајот конечни 32-13 и убедлива победа за македонските кадетки.
По пет гола во македонскиот состав дадоа сестрите Коцеви, Борјана и Бојана, Дукоска и Ризоска, додека кај Сенегал се истакна четири гола даде Сар. Следен ривал на Македонија е Узбекистан на мечот што се игра утревечер од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“.