Победнички марш на Веспрем во Португалија

Веспрем се враќа со цел плен од Португалија по триумфот кај Порто од 35-28 (16-12) и унгарскиот тим останува со максимален учинок во ЕХФ Лигата на шампионите по второто коло. Ланскиот учесник на Ф4 турнирот уште отсега покажува дека повторно цели кон европскиот врв и настап во Келн.

Десет минути траеше „силата“ на Порто на домашниот дуел со Веспрем. Толку време на почетокот португалците имаа позитивен резултат од „плус 2“ за водство 3-1. Брзо возвратија Унгарците кои не само што израмнија туку и поведоа. И оттогаш па се до крајот на првото полувреме Веспрем имаше предност што во еден моменти беше 12-9 во 23 минута.

Изгледаше како да беше скршен отпорот на Порто, но Силва и Магелаеш намалија на 11-12. Се чинеше дека ќе има неизвесност, но по неколкуте технички грешки на Порто ривалот пак се „одлепи’, овојпат на 15-12 во 28 минута.

Петар Ненандиќ со пет гола од шест обиди беше „првата виолина“ на Унгарците, а веднаш до него Мануел Штрлек стрелаше за четири голови од исто толку обиди. Српскиот интернационалец Ненандиќ имаше серија на пет голови токму во моментите кога Веспрем почна првпат резултатски да се одлепува и да поведе со 13-11, а потоа и со 15-11.

Нашиот репрезентативец Никола Митревски имаше седум одбрани (од 23 упатени шутеви) и реализација од 30,43 отсто, но тоа не беше доволно да се остане во игра, бидејќи на полувреме гостите заминаа со предност од 16-12. На спротивната страна Родриго Коралес имаше пет одбрани, но нападот на Веспрем делуваше попрецизен.

Само што почна вториот дел Веспрем веќе зголеми на 17-12 преку Јахија. Грешките што ги правеа домашните ракометари брзи и ефикасно беа реализирани, па Вајлупов во 34 минута првпат му донесе водство на Веспрем од 19-13.

Шест минути траеше борбата на Порто да намали, и успеваше но само до „четири-пет“ голови разлика. Се смени и голманот меѓу стстивите, но и Франдсен немаше одбрани. А Веспрем во 41 минута првпат „скокна“ на седум гола разлика и поведе со 25-18. Веќе почна да се надѕира победникот иако остануваа да се играат уште 20-тина минути. Надмоќта што ја покажа Веспрем беше најава дека бодовите заминуваат за Унгарија.

Брзо се врати Митревски повторно на голот со надеж дека може нешто да се спаси. Ама кога шансите не се користат тешко може да се сруши Веспрем. Имаше можност Порто да намали на три гола, но откако промашија гостите брзо влегоа во ритам. За неколку минути направија предност од 30-21 во 50 минута. Немаше веќе време за пресврт, туку за попристоен пораз.

Донекаде успеа Порто да возврати, но само до 28-35 што беше конечен резултат на средбата. Во тимот на победникот Веспрем најефикасни беа Петар Ненандиќ со 8 гола од девет обиди, а по четири голови постигнаа Елисон, Лауге и Штрлек. Кај Порто Турин даде 6 гола, а Кристенсен и Силва по четири. Нашиот голман Никола Митревски мечот го заврпи со 8 одбранети топки.

Во следното коло Порто гостува во Загреб, а Веспрем е домаќин на Динамо Букурешт.