Вардар победнички ја заврши сезоната

Поранешниот шампион на Македонија, Вардар, со победа ја заврши натпреварувачката сезона 2022/23.

Вардарки во последниот натпревар од плеј-оф фазата во Женската лига славеа убедлива победа над Овче Поле СУ со 33:19.

Тимот од Свети Николе на гостувањето во Скопје одигра одлично во првиот дел и до 25-та минута беше во минимална предност. Избраничките на Александар Царчев во финишот од полувремето го презедоа водството и на пауза заминаа со четири гола разлика, 15:11.

Вториот дел беше повеќе формалност, бидејќи екипата на Овче Поле СУ не можеше да се надигрува со ,,црвено-црните” кои имаа поголема ротација, па така домаќинките со неколку мини серии дојдоа до убедлив триумф.

Најефикасни во победничката екипа беа Ивона Трпевска со осум и Бојана Коцева со седум погодоци.

Кај поразениот табор прво име беше Јована Конева, искусната ракометарка во голот на домашниот тим имаше шест реализации.

Вардар сезоната во единствената сениорска конкуренција кај дамите ја заврши на 4. позиција, додека Овче Поле СУ се позиционираше на седмо место.