Репрезентацијата на Романија го имаше еден од послабите настапи на европските првенства на последното одржано во Данска со пласман на 12. позиција и со само една победа на шест натпревари.
Во интервју за весникот „Адерлул“, познатиот романски стратег, Георге Тадичи го коментираше настапот на репрезентацијата на Романија и изданијата на најдобрата ракометарка Кристина Неагу.
Тадичи смета дека Неагу го одигра најслабиот турнир од 2007 година, а исто така кометираше и дека можеби е време селекторот да биде сменет. Тој предлага на место на сегашниот тренер Богдан Бурчеа, да седне тренерот на ЧСМ Букурешт, Ади Василе. Како една од причините за сè послабите резултати на Романија, Тадичи ја посочува слабата посветеност на работата со младите романски ракометарки и огромните суми кои се вложуваат во странски ракометарки.
„Инвестираме во странски ракометарки, носиме безброј скапи ракометарки за кои плаќаме бесмислени сум од народни пари. Им даваме плата од 5.000, 7.000, 12.000, па дури и по 17.000 евра месечно. Не е во ред, нашите ракометарки откако ќе ги завршат јуниорските категории се губат затоа што немаат каде да играат“, коментираше Тадичи.
Тренерот се осврна на настапот на Неагу и на тоа дека таа е важна за репрезентацијата, но и другите ракометарки имаат влијание на резултатите и најважен е тимскиот дух.
„Неагу е многу добра ракометарка со силен шут и многу интелигенција. Но во Данска таа го одигра најслабото првенство од 2007 година. Голема грешка е да кажеме дека зависиме од Неагу, таа не игра сама. Има некои недостатоци во тимската игра и не е доволно вклучена во одбраната. Без разлика дали ќе постигне гол или ќе промаши трча веданш кон клупата“, рече Тадичи за Неагу.
Романија единствената победа на првенството ја оствари против Полска во прелиминарната фаза со кој обезбеди пласман во главната рунда. Сепак до крајот на првенството забележа уште три порази кои ја сместија на 12. позиција или најслаб резултат за Романките на европските превенсва.