Репрезентативката на Црна Гора, Татјана Брновиќ, по четири сезони минати во црногорскиот шампион, Будуќност, на лето си заминува од својата татковина и од следната сезона ќе настапува за рускиот вицешампион, Ростов Дон.
Воената ситуација меѓу Русија и Украина, која се менува од минута во минута, не претставува никаква опасност за иднината на младата ракометарка од Црна Гора.
Брновиќ во интервју за рускиот „Брз Центар“ на поставеното прашање дали чувствува загриженост околу нејзините идни планови поради воениот конфликт во Украина, одговори дека воопшто не ја интересира политика.
„Моите идни планови не се нарушени. Не следам воопшто политика и генерално не ме интересира. Но, мило ми е што потпишав договор со тимот на Ростов Дон и се надевам дека наскоро ќе се приклучам во екипата. Би сакала да верувам дека ситуацијата ќе се подобри. Во секој случај, сега имаме подготовки со црногорската репрезентација, играме два натпревари против Норвешка, па ќе видиме што ќе се случува понатаму“, изјави Брновиќ.