Селекцијата на Хрватска забележа важна победа на Европското првенство во Македонија, Словенија и Црна Гора. Избраничките на Ненад Шоштариќ славеа против Унгарија со 21-18. Јунак на Хрватска беше голманката Теа Пијевиќ која запре дури 14 удари на ривалите.
„Кралиците на шокот“ тргнаа фуриозно и поведоа со 5-0, а Унгарките мака мачеа да го најдат патот до голот на Теа Пијевиќ. Тоа им успеа дури по 12 минути игра, кога погоди Петра Вамос за 5-1.
Во продолжение Унгарија ја намали негативата на три, 8-5, но Пијевиќ им одбрани три пати по ред на десните бекови Албек и Клујбер, а нејзините колешки казнија на спотивната страна и Хрватска поведе со 10-5.
Тоа се случи во 23 минута, но тука како да застанаа Хрватките. Седум минути до крајот на првиот гол не постигнаа погодок, а за Унгарија беа прецизни Кучора и Тофнер, па на пауза се замина со 10-7.
Во второто полувреме Унгарките колку и да се трудеа не успеваа да ја намалат негативата под три гола. Унгарскиот селектор Владимир Головин се обидуваше со измени во ростерот да ја најде вистинската постава, но тоа не му појде од рака.
Хрватска преку Блажевиќ стигна и до највисоки плус шест, 17-11, во 50 минута, па веќе беше јасно дека Унгарија тешко ќе се врати во игра. До крајот Хрватките само рутински ја одржаа предноста и славеа победа што веројатно ќе вреди два бода во главната рунда.
Најдобар стрелец во победничката селекција беше Валентина Блажевиќ со осум погодоци, додека по три гола дадоа Дебелиќ, Петика и Паула Посавец. Кај Унгарија по три гола дадоа Кучора, Лукач и Товизи.